Македонскиот шампион МЗТ Скопје ќе биде носител на ждрепката за новата сезона во АБА 2 лигата.
Како еден од ретките поранешни учесници во елитната дивизија од регионалното натпреварување, тимот од Аеродром е во првиот шешир, заедно со Подгорица, Војводина и Златибор што значи дека со овие екипи нема да може да се сретне во првата фаза. Вториот македонски претставник Пелистер е во третиот шешир, заедно со Цедевита јуниор, Динамо Загреб и Илирија.
Засега е непознато дали Македонија ќе има повеќе од два претставника бидејќи за четирите специјални покани аплицираа девет екипи од шест држави. Ако Работнички и(ли) ТФТ добијат можност да учествуваат, тие ќе се најдат во четвртиот шешир.
Новата сезона во АБА 2 лигата стартува на 24 октомври и ќе се игра со изменет систем. нема повеќе „балони“, екипите ќе бидат поделени во четири групи со по четири екипи, а само најдобрите две од секоја група продолжуваат понатаму. Во втората фаза, осумте преостанати учесници повторно ќе бидат поделени во две групи со по четири и најдобрите две обезбедуваат пласман во полуфиналето. Плејофот почнува на 8 април, а ќе трае најдоцна до 14 мај со тоа што, за разлика од минатата сезона, полуфиналето и финалето ќе се играат на два добиени натпревари.
РАСПОРЕД НА ШЕШИРИТЕ
- ШЕШИР: МЗТ Скопје, Подгорица, Војводина, Златибор
- ШЕШИР: Борац, Домжале, Широки, Сутјеска
- ШЕШИР: Цедевита јуниор, Динамо Загреб, Илирија, Пелистер
- ШЕШИР: Екипи кои ќе добијат специјални покани


