Со американскиот кошаркар Џон Гилон, МЗТ Скопје ќе се обиде да ја комплетира двојната круна во домашната кошарка и да обезбеди пласман во АБА лигата.
Гилон од денеска е нов играч на шампионот и доаѓа како замена за Седрик Расел со кого МЗТ Скопје неодамна ја прекина соработката. Последна станица во кариерата му била литванскиот прволигаш Пиено каде минатата сезона на 12 одиграни натпревари просечно постигнувал по 13,8 поени, 3,8 асистенции и 2 скока. Претходно играл и во Г-лигата во САД, Дарушафака и тајванските клубови Таујан Пајлотс и Таујан Леопардс.

МЗТ Скопје останува со петмина странски кошаркари, но тренерот Васко Атанасов со Гилон ќе има повеќе опции на плејмејкерската позиција. Се очекува новиот играч да дебитира за шампионот на дуелот со Феникс во претстојното коло од домашното првенство.


