Македонскиот првак МЗТ Скопје денеска го почнува вториот круг од првата фаза во АБА 2 лигата во кој му претстојат три натпревари на кои мора да победи.
По првите три кола, аеродромци имаат биланс 1/2, а најболно е тоа што двата пораза се претрпени со по два разлика и во натпревари во кои МЗТ Скопје имаше висока предност. Всушност, сезонава шампионот претрпе четири порази во сите натпреварувања, а ниеден од нив не беше со повеќе од два поена разлика.
Кредитите се потрошени, па на денешното гостување кај Домжале, МЗТ Скопје нема право на нов кикс, односно пораз. Теоретски и со неуспех денеска (18 часот), нашиот тим би останал во игра за второто место на табелата, но така нема да зависи само од своите резултати, туку и од останатите во групата, пред се од исходот на мечот меѓу Домжале и Цедевита Јуниор. Со оглед на тоа што пред сезоната, како главна цел, покрај тројната круна во домашната кошарка, беше посочен пласман во АБА 1 лигата, евентуален пораз од Домжале, во комбинација со другите резултати може да ги уништи сите планови на клубот.
МЗТ Скопје во Словенија отпатува делумно потресен поради поразот од Чаир во домашното првенство. Тоа беше четврти пораз во последните шест меча на екипата, серија каква што одамна немал тимот од Аеродром, особено во сезоните кога настапувал во АБА 2. Домжале е во многу поповолна ситуација поради триумфот во Скопје пред две недели и со евентуален триумф ќе го обезбеди пласманот во следната фаза.
Денеска во АБА 2 игра и Работнички кој гостува кај поранешниот европски шампион Босна. Тимот од Градски парк е само со теоретски шанси за пласман во следната фаза, а ако вечерва (20 часот) загуби, тоа ќе значи крај на сите надежи.


