Со натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Теодо, денеска почнува новото издание на АБА 2 лигата во која Македонија повторно ќе има три претставници.
Покрај МЗТ, тука се и вицешампионот Пелистер и најтрофејниот Работнички кои ќе водат жестока битка за пласман во повисок ранг. МЗТ Скпје важи за еден од фаворитите за највисок пласман, а со оглед на националниот клуч во регионалното натпреварување, има големи шанси да се врати во елитата по пауза од две сезони. Први фаворити се српските екипи, а МЗТ со останатите ќе води жестока битка за место во завршницата.
Шампионот во текот на летото направи неколку промени, но го задржа костурот од минатата сезона кој го сочинуваат браќата Стојановски, Бојан Крстевски и хрватскиот интернационалец Баковиќ. Тука е и Марин Петков, а тројцата нови странци, плус повратниците Маслинко и Магдевски треба да помогнат во остварувањето на целите. Првиот противник Теодо е повратник во АБА 2 лигата откако учествуваше во ова натпреварување во воведната сезона (2017/18). На нашите екипи им е познат и по настапите во БИБЛ лигата.
„Успеавме да ги задржиме најголем дел од кошаркарите, управата ги исполни сите мои барања и заедно ќе се обидеме да ги освоиме сите трофеи во македонското првенство, но и да се пласираме во АБА лигата. Целите се секогаш високи, мотивацијата не изостанува, па би сакал повторно да ги израдуваме сите наши верни навивачи.

Сакам да започнеме со победа против Теодо и да ја пренесеме позитивната атмосфера и на првиот натпревар на домашна сцена, каде ќе се соочиме со ривалот од финалната серија Пелистер во рамките на Суперкупот“, рече тренерот на МЗТ на вчерашната прес-конференција со која беше најавена новата сезона.
АБА 2 воведе нов систем на натпреварување, учествуваат 16 репрезентации поделени во четири групи. МЗТ Скопје е во групата А во која покрај Теодо, за противници ги има и Домжале и Цедевита Јуниор и во оваа конкуренција е апсолутен фаворит за првото место. Се игра двокружно, дома и на гости, а пласман во следната фаза обезбедуваат првопласираните две екипи од секоја група.
Од другите македонски претставници, Работнички почнува в четврток против Сутјеска, додека Пелистер идната недела го пречекува Широки.


