Актуелниот шампион МЗТ Скопје е победник во првото градско дерби против Работнички во новата сезона откако вечерва го растури големиот ривал со 67-52.
Мечот се играше во рамките на меморијалниот турнир „Андреј Грковски Тафта“, а аеродромци покажаа дека во моментов се милји пред Работнички во однос на формата. Отворија со 22-6 по првата четвртина, во текот на натпреварот водеа и со 23 поени разлика (63-40), па Работнички до крајот успеа само делумно да го ублажи поразот.
Војдан Стојановски беше единствен со двоцифрен ефект кај МЗТ Скопје со 10 поени, но во листата на стрелците се запишаа 10 од 11 кошаркари кои добија минутажа. Имран Полутак од Работнички беше најдобар стрелец на натпреварот со 12 поени, но потфрлија некои од новите засилувања во тимот, пред се Весли Персон кој не постигна поен за безмалку 25 минути во игра.
Противник на МЗТ Скопје во финалето од турнирот ќе биде организаторот ТФТ кој во првото полуфинале го совлада Кожув со 78-72. Тој дуел беше многу поизрамнет, финишот беше неизвесен, на три минути пред крајот резултатот гласеше 71-71 и ТФТ дури во последните 30-тина секунди го скрши отпорот на противникот.
Гринли со 19 поени беше најефикасен кај ТФТ, но се остакнаа и Николов со 15 поени и 12 скока и Зафиров со 15 поени и 11 скока. Кај Кожув, Фран Прилепиќ постигна 21 поен, а Поповиќ оствари дабл дабл со 20 поени и 11 скока, но и загуби седум топки.
Во мечот за третото место, утре од 16 часот ќе се сретнат Работнички и Кожув, а од 19 е финалето меѓу ТФТ и МЗТ Скопје.


