Македонскиот шампион МЗТ Скопје ја оствари петтата победа во сезоната откако денеска славеше над „фенерџијата“ Вардар како гостин со 110-79.
„Црвено-црните“ пружија достоен отпор во првото полувреме во кое извесен период и во водство, но јасно беше дека во вториот дел до израз ќе дојде квалитетот на актуелниот шампион. Вардар дури и на крајот од воведната четвртина имаше предност од пет разлика (27-22) што, сепак, може да биде сатисфакција во убедливиот пораз.
Предноста на Вардар остана до средината, а МЗТ ја презеде иницијативата и контролата над резултатот по серијата од 10-0 по која поведе со 47-39. На големо одмор се замина со +9 за МЗТ Скопје, а потоа аеродромци почнаа со 8-0 и тука веќе згаснаа сите надежи на Вардар за евентуално изненадување.
Андреј Андоновски со 19 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје иако на теренот помина само нешто повеќе од 13 минути. Бајрам го предводеше Вардар со 20 поени, а повторно се истакна 17-годишниот Лука Марјановиќ кој постигна 18 поени со четири тројки од 10 шута.


