Македонскиот првак МЗТ Скопје го одигра најдобриот натпревар во АБА 2 лигата оваа сезона и оствари голема победа против еден од најголемите фаворити за титулата Војводина, а во исто време со максимален ефект го заврши турнирот во Нови Сад.
Аеродромци славеа со 89-84, пред се благодарение на одличниот шут од далечина и тоа во првото полувреме во кое направија висока предност. Со овој триумф МЗТ Скопје се искачи на делба на третата позиција на која сега се со вечерашниот противник и со Широки, а со само еден бод помалку од водечкиот тандем Златибор-Спартак.
Во тоа прво полувреме, МЗТ Скопје постигна 11 тројки од 17 шута, а по две минути игра во вториот квартал беше 32-17 за нашиот тим. Во третиот период шутот запре, македонскиот првак имаше 11 промашени шута за тројка во серија, па Војводина го искористи тоа за да се доближжи на 59-62, а во последната четвртина дури и да поведе. Сепак, МЗТ не потклекна, продолжи да ја игра својата игра, шутот делумно се врати и составот на Васко Атанасов поведе со 78-73 на средина од последната четвртина.
Благодарение на својот скок во нападот, Војводина остана во игра, повторно се најде во водство (82-81) на помалку од две минути пред крајот, а потоа на сцена стапија Баковиќ и Расел. Хрватот имаше едно забивање, Расел погоди тројка преку човек за 86-82, а во клучниот напад, со истекот на времето Баковиќ постигна кош за водство од 88-84 на МЗТ Скопје на 14 секунди пред крајот.
Баковиќ беше најефикасен играч на МЗТ Скопје со 17 поени со четири тројки од четири шута, а двоцифрени беа уште Војдан Стојановски, Делалиќ, Ворку и Танасковиќ. Војводина апсолутно доминираше во скок играта, но не го искористи тоа. Оствари 19 офанзивни скокови и вкупно 19 скока повеќе од МЗТ Скопје кои, за среќа на македонскиот првак, не беа доволни за победа.
На последниот турнир кој е на програмата во март во Широки Бријег, МЗТ Скопје ќе игра против ТФТ, Златибор и Широки.


