Откако успешно ја заврши мисијата во четвртфиналето од АБА 2 лигата, МЗТ Скопје денеска ќе се обиде да ја финишира и серијата од четвртфиналето во домашниот плејоф.
Со предност од 2-0, аеродромци гостуваат во Гостивар каде ќе се обидат да дојдат до третиот поен и да се изборат за дуел со ТФТ во полуфиналето. Токму поради учеството на шампионот во плејофот од АБА 2 лигата, оваа серија трае временски најдолго, имајќи предвид дека пласман во полуфиналето веќе обезбедија ТФТ, Работнички и Пелистер.

Јасно е дека составот на Васко Атанасов е голем фаворит за триумф на денешниот дуел, но гостиварци, како и секогаш, ќе се обидат уште еднаш да покажат дека се тврд орев за бранителот на титулата. Со оглед на проблемите со кои се соочи во текот на сезоната, за Гостивар е успех самиот пласман во плејофот, односно опстанокот во елитната конкуренција.

Покрај дуелот од плејофот, денеска продолжува борбата за опстанок во плејаутот. Кожув веќе ја заврши својата работа, но Вардар, Академија ФМП и Охрид во последните три кола влегуваат со ист број бодови и еднакви шанси за спас. Само една од нив на крајот од сезоната ќе обезбеди опстанок, додека другите две, идната сезона ќе настапуваат во Втората лига.


