Европската сезона на МЗТ Скопје се претвора во сериозно разочарување. Македонскиот шампион по шест одиграни натпревари во ФИБА Европа купот сè уште е без победа, со биланс од шест порази, поради што се наоѓа на последното место во својата група.
Колку е лош европскиот почеток на „металците“ говори и фактот што МЗТ е еден од само два тима во целото натпреварување кои досега не успеале да забележат ниту еден триумф. Единственото друштво на аеродромци во оваа негативна статистика им го прави грузискиот Батуми, кој исто така ги загуби сите шест натпревари.
Она што е симптоматично е што МЗТ Скопје игра се полошо од натпревар во натпревар, а поразите се се поубедливи. Највисокиот беше доживеан синоќа кога македонскиот првак загуби од Ираклис со 30 разлика и првпат оваа сезона прими над 100 поени (103). Дополнително загрижува фактот што МЗТ не успеа да ја искористи ниту предноста на домашниот терен, каде ги загуби сите три натпревари. Заедно со АБА 2 лигата, аеродромци имаат седум меѓународни дуели оваа сезона и максимални седум порази.
Ако е утеха, грузискиот Батуми има полоша кош-разлика (-184, наспроти -91 на скопскиот клуб), па во тој сегмент МЗТ барем не е најслабиот во конкуренцијата. Сепак, тоа далеку од најавите пред сезоната дека нашиот тим ќе се бори за што повисок пласман. Шансите за место во топ-16 одамна се загубени, па на „штрковите“ им останува да се насочат на домашна сцена каде се доминантни веќе деценија и пол.


