Откако вчера Маџари стана прв финалист во домашниот плејоф, вечерва ќе го дознае својот ривал во него бидејќи МЗТ Скопје и Пелистер ја играат „мајсторката“ од својата серија.
Двата тима имаат по една победа, остварена на домашен терен и триумфот вечерва ќе го даде вториот финалист. Што е уште поинтересно, двата меча беа решени со по пет поени разлика откако во текот на натпреварите се играше максимално израмнето.
Последниот месец Пелистер игра одлично и на седум натпревари оствари шест победи, а единствениот пораз го доживеа токму од МЗТ минатата недела. Аеродромци не можат да се пофалат со истото, во овој период имаат нешто над 50% ефект бидејќи на седум меча претрпеа три порази. И покрај тоа, шампионот останува фаворит, пред се поради тоа што неговите кошаркари знаат како се играат вакви натпревари, а ќе ја имаат и предноста на домашниот терен и на своите навивачи.
„Мајсторката“ од серијата меѓу МЗТ Скопје и Пелистер се игра од 19 часот во „Јане Сандански“.


