Денеска и утре во Кале се игра завршниот турнир од Купот на Македонија во женска конкуренција.
Откако пред две недели, МЗТ Скопје го одбрани трофејот кај мажите, женскиот тим од Аеродром ќе се обиде денеска истото да го направи и кај дамите. „Сино-белите“ лани изненадија со првиот триумф во ова натпреварување, а сега, засилен со четири странски кошаркарки, ќе се обиде да го повтори успехот.

Ќе има тешка конкуренција во екипите на Крива Паланка, Вардар и Баскет Кам кои си имаат свои сметки. Крива Паланка повторно е во Ф4 во Купот и е единствен тим без трофеј во ова натпреварување, Вардар чека на успех од 2019 година, а шампионот Баскет Кам ќе се обиде да ја врати доминацијата во Купот откако во него триумфираше во 2021 и 2022 година, а лани загуби од МЗТ Скопје.
Полуфиналните натпревари се на програмата денеска од 16 и 18:30 часот, а финалето е утре од 16:15.


