Бранителот на титулата во Купот на Македонија, МЗТ Скопје повторно е меѓу фаворитите за пехарот во истото натпреварување.
Помошниот тренер Миодраг Тодоровиќ најавува борба до последниот атом и обид да се најде до нов триумф.
„Мило ми е што се повеќе градови низ Македонија стануваат кошаркарски. Јасно е дека Битола е ракометен град, но се надевам дека тоа ќе се смени во блиска иднина.
МЗТ Скопје има 11 титули во Купот, годинава одиме да го освои и 12. пехар. Два шампионски пехари освоивме во Битола, се надевам дека ќе ни биде среќна и во Купот. Гостивар ни е прв противник, предводен од легенда на македонската кошарка. Ние почнавме лошо во 2024 година, потоа врзавме пет победи и во релативно добро расположение одиме на Купот.
Нема да бидам лажно скромен, одиме да го освоиме пехарот и ништо помалку од тоа нема да не задоволи“, вели Тодоровиќ.
Повратникот во македонската кошарка Марко Миловановиќ првпат ќе биде дел од Купот на Македонија во својата кариера.
„Се надевам на убава атмосфера, фер-плеј и наша победа на крајот. Гостивар два пати го победивме оваа сезона, но тоа ништо не значи иако влегуваме како фаворити во ова натпреварување“, рече Миловановиќ.


