Македонскиот шампион МЗТ Скопје испушти шанса да го освои четвртото место во АБА 2 лигата по основниот дел од сезоната и со тоа да си обезбеди барем бараж за пласман во повисок ранг.
Во клучниот натпревар кој беше и директен дуел за четвртата позиција, аеродромци загубија од домаќинот на турнирот Широки со 79-82 и го освоија петтото место, па сега ќе мораат по потешкиот пат кон елитната конкуренција. За да се случи тоа, МЗТ Скопје мора да ја освои титулата во АБА 2, а за да се случи тоа ќе мора прво да го поминат повторно Широки во четвртфиналето од плејофот, па потоа Војводина или Златибор и на кранјот на крајот најверојатно Спартак, екипи кои во сезоната влегоа со огромни буџети и највисоки амбиции.
МЗТ Скопје и по признание на тренерот Васко Атанасов денеска го одигра најслабиот натпревар сезонава за што придонес имаше и отсуството на повредениот капитен Дамјан Стојановски. До пред крајот на првото полувреме некакоо и се држеше и беше 31-37, а потоа Широки направи серија од 11-0 и отиде на +17. Во третиот период предноста на босанскиот претставник отиде до 24 поени разлика (65-41) и се очекуваше нашиот тим да доживее катастрофа. На нешто помалку од три минути пред крајот, противникот имаше +19 (80-61), па тренерот на Широки во игра го стави вториот тим, вклучувајќи неколку млади кошаркари.
Тие не одговорија на задачата, МЗТ Скопје направи серија од 16-0 и се доближи на само три поени негатива, на 19 секунди пред крајот. Подоцна беше и -2 (79-81), шампионот имаше два шута за израмнување, но прво Делалиќ, а потоа Миловановиќ не успеаја да погодат.
Баковиќ со 16 поени беше најефикасен играч на МЗТ Скопје, Делалиќ постигна 12, а Војдан Стојановски 10. Во четвртфиналето аеродромци пак ќе играат со Широки, првиот меч е во „Јане Сандански“ на 10 април, а реваншот во Широки Бријег седум дена подоцна.


