Поранешниот тренер Александар Петровиќ повеќе не е пречка за МЗТ Скопје и ФИБА ја тргна казната за македонскиот првак што се однесуваше на неисплатени плати кон него.
Како што е познато, Петровиќ побаруваше 52.500 евра за неисплатени плати по едностраниот раскин на договорот од декември 2022 година. Двете страни успеаја да се договорат долгот да се исплаќа на рати по што БАТ (Basketball Arbitral Tribunal) ја повлече казната.
МЗТ Скопје, сепак, има уште две казни кои треба да ги реши пред почетокот на сезоната ако сака да ги регистрира новите играчи што ги донесе летово. Едната е од Дастин Вер и датира од април годинава, а другата е од минатата недела. До официјалниот почеток на сезоната во домашната кошарка за МЗТ Скопје има уште 11 дена и дотогаш треба да се знае исходот од преговорите. Претходно, на на 24 септември, шампионот го игра првиот меч од АБА 2 лигата, против Теодо на домашен терен.


