Три дена по поразот од ТФТ во дербито на минатото коло, МЗТ Скопје оствари убедлива победа со која остана во игра за првото место пред полуфиналето.
На домашен терен, актуелниот шампион го совлада Тиквеш, демонстрирајќи сила каква што покажуваше претходните сезони во кои ја освојуваше и титулата. Иако повторно десеткуван повторно со неиграњето на Маслинко и Мекејден и со само осум играчи во ротацијата, МЗТ Скопје не дозволи да биде изненаден.
Првата четвртина помина во релативно израмнета игра, домашниот тим не успеа резултатски да се одлепи, но веќе во втората стана јасно како ќе се одвива натамошниот дел од натпреварот. Со неколку серии, се одлепи на +16 (52-36) колку што заврши првото полувреме, а се беше решено по серијата од 13-0 во третиот квартал по која МЗТ отиде на огромни 76-49.
Дејвис го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона, постигна 22 поена и 13 скока за индекс 31, се истакна и Смит со 16 поени, осум скока и седум асистенции, како и Танасковиќ со 20 поени и девет скока. Кај Тиквеш, Хенри беше најефикасен со 19 поени. Кавадарчани по овој пораз останаа само со теоретски шанси за пласман во полуфиналето од плејофот.


