Кошаркарите на МЗТ Скопје денеска ги очекува нов европски предизвик. Македонскиот шампион гостува кај грчки Ираклис во рамките на шестото коло од групната фаза во ФИБА Европа купот, во меч во кој ќе се обиде да стигне до првата победа во ова натпреварување сезонава.
Аеродромци се наоѓаат во незавидна ситуација, откако ги загубија сите пет досегашни натпревари во групата Е, а со тоа и шансите за пласман на едно од првите две места кои водат во топ-16 фазата. Последниот пораз дојде на гостувањето кај Џики Варшава, каде што МЗТ беше убедливо совладан со 89-66.
Претходно, „штрковите“ загубија и од АЕК Ларнака (69-85), Вирцбург (73-87), Тарту (92-95) и токму од Ираклис (59-64), во првиот меѓусебен дуел одигран во Скопје.
Предизвикот е уште потежок ако се земе предвид дека Ираклис има три победи и два порази, а во последните два натпревара забележа триумфи над АЕК Ларнака (81-64) и Миконос (95-64). Дуелот против Ираклис за МЗТ ќе биде генерална проба пред „вечното“ дерби против Работнички кое е на програмата в понеделник. Првиот меч против грчкиот тим покажа дека разликата во квалитет можеби и не е толку голема, па шампионот ќе се обиде да ја спаси својата чест и да дојде до првата победа во ФИБА натпреварувањата по повеќе од 25 години пауза.
Натпреварот се игра во салата „Иванофиo“ во Солун, со почеток од 18:30 часот.


