Од лига составена од екипи од поранешна Југославија, АБА претстојната сезона ќе доживее голема експанзија.
Лани се прошири во Азија со влегувањето на Дубаи, а од претстојната сезона ќе има уште три екипи од други држави. Српските медиуми тврдат дека нови членови на АБА ќе бидат австрискиот тим Виена, романскиот Клуж и Хапоел Тел Авив од Израел. Овие три клуба треба да добијат „зелено“ светло на Собранието на АБА закажано за понеделник и ако се потврди тоа, регионалното натпреварување ќе опфати пазар од околу 70 милиони жители.
Меѓу другото, ќе се зголеми квалитетот бидејќи првпат во историјата во него ќе играат четири евролигаши: Партизан, Црвена Звезда, Хапоел и Дубаи, но сега се спомнува и промена на форматот што изгледа е неминовно поради зголемувањето на бројот на екипи и натпревари во Евролигата. Според новиот формат, 20. клуба ќе бидат поделени во две групи, а најдобрите пет од секоја ќе се пласираат во топ-10 фазата, додека преостанатите ќе продолжат во плејаут. Бодовите од првата фаза ќе се пренесат во втората за секој одигран натпревар да има значење.
Се разгледува и враќање на Ф4 турнир кој последен пат се играше во 2014 година, а поради тоа што новите екипи ќе платат солидна сума за своето учество, можно е новиот шампион да добие парична награда од милион евра.
За место во АБА лигата по административен пат беше заинтересиран и македонскиот првак МЗТ Скопје, но аеродромци се уште не се во плановите на регионалното натпреварување.


