Иако имаше двоцифрена предност во третата четвртина, МЗТ Скопје синоќа доживеа пораз на гостувањето кај Сутјеска, во второто коло од АБА 2 лигата.
Освен падот во играта на македонскиот шампион, на тоа му кумуваа и судиските грешки кои во текот на денешниот ден ги потврди и АБА лигата по анализата на судиската комисија.
„Првата ситуација се случила на 1:22 минута до крајот на последната четвртина, кога по второто слободно фрлање на играчот на Сутјеска, Милјаниќ, топката отскокнала од обрачот и сè уште имала шанса да влезе во кошот, во моментот кога играчот на МЗТ Скопје Аеродром, Гил, го допрел обрачот со рака. Судиите тогаш досудија два поени за Сутјеска, но тоа било погрешна одлука, бидејќи при ваков прекршок за време на слободно фрлање треба да се додели само еден поен.
Втората спорна ситуација е на една минута пред крајот, кога играчот на Сутјеска, Тадиќ, по преземањето на топката во предниот напад, зачекорил во задниот дел на теренот додека сè уште ја држел топката. Судиите не ја санкционирале оваа очигледна повреда на правилата“, се вели во објаснувањето на судиската комисија.
Судиските грешки добиваат на значење бидејќи се направени во критичен дел од натпреварот, кога се кршеше резултатот, односно се решаваше победникот. Македонскиот првак подоцна успеа да се доближи на еден посед, но не и да направи нов пресврт. Без разлика на признанието на АБА, останува победата на Сутјеска, односно поразот на МЗТ Скопје кој по две кола има биланс 1/1, а во третиот круг, за две недели, гостува кај босанскиот претставник Студент во Бања Лука.


