Македонскиот шампион со убедлива победа ја отвори четвртфиналната серија од домашниот плејоф откако вечерва на домашен терен го победи Гостивар со 87-68.
Триумфот на МЗТ Скопје во ниеден момент не беше доведен во прашање, но она што е најважно е што тренерот Васко Атанасов ја искористи можноста да ги одмори играчите пред напорниот распоред кој му претстои на неговиот тим. Само тројца кошаркари играа повеќе од 25 минути, а шанса добија сите играчи што му беа на располагање на Атанасов.

Оние од почетната петорка одлично го отворија натпреварот и оставија можност теренот да го почувствуваат и нивните соиграчи. По нешто повеќе од четири минути игра, на семафорот пишуваше 11-0, во седмата минута беше 16-4, а на крајот од првата четвртина 25-10. Гостивар покажа знаци на живот на стартот од вториот квартал кој го отвори со седум поени по ред, но сето тоа беше со краток здив бидејќи за кратко време МЗТ Скопје направи +19, па се во второто полувреме беше само формално одработување.
Танасковиќ со 21 поен и 9 скока беше најдобар играч на МЗТ Скопје, а дабл-дабл остварија Баковиќ со 14 поени и 13 скока и Робев со 11 поени и 10 скока. Вториот натпревар од серијата се игра идниот викенд, повторно на теренот на МЗТ Скопје.


