Една од најталентираните македонски кошаркарки и официјално најдобра млада кошаркарска во земјава за 2023 година, Ања Начевска ќе ја продолжи својата кариера во Шпанија.
Таа е нов член на Унибаскет од Логроњо каде замина минатата недела и потпиша договор со клубот. Во иднина, таа ќе настапува за У18 екипата, но ќе тренира и игра и за првиот тим кој се натпреварува во Третата лига. За 16-годишната кошаркарка, ова ќе биде прво искуство надвор од татковината, а доаѓа како плод на фантастичните изданија, особено последната година. Од лани, таа е и сениорска репрезентативка иако е мошне млада, стандардна првотимка беше на Вардар, а имаше најголема заслуга за титулата на „црвено-црните“ во кадетската лига на Македонија каде го доби и МВП признанието.
Контактите со шпанскиот клуб, Начевска и нејзиното семејство ги имаа уште од минатото лето кога Ања настапуваше за У18 репрезентацијата на Македонија на Европското првенство Б-дивизија во Софија. Поради административни причини, тогаш не замина во Шпанија, но сега се оствари големата цел – да заигра во една од најкошаркарските земји во Европа.
Начевска во Шпанија ќе го продолжи и образованието, во интернационално училиште. Условите за работа во Унибаскет се одлични и таа ќе има добра можност да напредува во кариерата.


