Кошаркарот на Задар, Лука Божиќ повторно е во центарот на вниманието на хрватската јавност откако одби да игра за репрезентацијата во февруарските квалификации.
Тој беше во центарот на вниманието и минатото лето, пред квалификациите за Олимписките игри кога не се најде на првиот список, па дополнително беше повикан и не прифати да игра за националниот тим. Сега Божиќ доби повик од селекторот Јосип Сесар, но не се појави на стартот на подготовките за дуелие со Франција на гости и Кипар на домашен терен.
Причините за неговото непојавување, наводно, се од здравствен карактер. Божиќ ја искористил паузата во клупската кошарка за да извади умник и засега не е во конкуренција за дуелот со Франција што се игра в петок. Хируршкиот зафат бил извршен во понеделникот, но нејасно е дека крилниот играч ќе се појави денеска на тренинзите. Хрватската кошаркарска јавност го осуди него поради ваквото однесување, но го осуди и Задар затоа што од клубот инсистирале Божиќ сега да го реши проблемот со забот за да нема пречки во натамошниот дел од сезоната во кој клубот ќе се бори за титулата во домашното првенство и за што подобар пласман во АБА лигата.
Божиќ втора сезона по ред е најдобар играч во АБА лигата според индексот и досега собори неколку рекорди во ова натпреварување. Во саботата тој го предводеше Задар до титулата во Купот на Хрватска, остварувајќи трипл дабл во финалниот натпревар.


