Од сезоната 1947/48, божиќната програма во НБА има посебен шмек затоа што на тој ден на терен излегуваат најголемите ѕвезди во лигата и најдобрите екипи последните години.
Во повеќе од седум децении, сите добиле шанса да се појават пред навивачите, освен еден. Станува збор за Шарлот Хорнетс, франшиза која е формирана во 1988 година, но никогаш не „заслужила“ да биде дел од најатрактивната програма. До лани, друштво ѝ правеше Мемфис, но Гризлис пред две сезони играше против Голден Стејт и влезе во елитната група. Мајкл Џордан 17 години беше ко-сопственик на Шарлот Хорнетс, но и тој не помогна екипата да се најде во божиќната програма.
Најмногу одиграни натпревари досега има Њујорк Никс кој вечерва против Сан Антонио по 57. пат ќе игра за Божиќ, а овој тим е најуспешен, заедно со Лос Анџелес Лејкерс, со 24 победи. Меѓу играчите, на прво место е Леброн Џејмс кој годинава по 19. пат ќе настапи во празничната програма, а е рекордер по бројот на поени и ко-рекордер по победите со 10, заедно со својот поранешен соиграч Двејн Вејд.
Од друга страна, годинава на Божиќ ќе дебитира новата НБА ѕвезда Виктор Вембанјама кој во својата втора сезона во лигата ќе има можност да ја почувствува блескавата атмосфера. Сан Антонио не играл на празникот веќе осум години, но сега има нов играч пред кого е голема кариера и повторно е атрактивен за навивачите.
На сцената ќе илзезат и двете големи европски ѕвезди Лука Дончиќ и Никола Јокиќ. Словенецот лани на Божиќ постигна 50 поени и ќе се обиде да го повтори тоа против Минесота, додека српскиот ас за противник ќе го има Феникс.
БОЖИЌНА ПРОГРАМА ВО НБА
Њујорк – Сан Антонио 18:00
Далас – Минесота 20:30
Бостон – Филаделфија 23:00
Голден Стејт – ЛА Лејкерс 02:00
Феникс – Денвер 04:30


