Во сезоната во која тренерите во Првата лига не покажаа преголема доверба кон младите играчи, Марко Луканоски ја искористи довербата од Александр Јованчев и покажа зошто е иднината на македонската кошарка, кога станува збор за центарската позиција.
Неодамна наполни 18 години, а иако уште тинејџер, беше еден од најстандардните во тимот на Вардар. Одигра 20 натпревари со просек од 21 минута во игра, а за тоа време постигнуваше по 7,5 поени и 4,5 скокови. Најефикасен беше во дуелот со Чаир на кого му даде 15 поени, а против ТФТ оствари дабл дабл со 13 поени и 10 скока за свој највисок индекс во Првата лига (20).

Со висина од 210 сантиметри и само 18 години, Луканоски ги има сите услови за блескава кариера, а пред Вардар е тешка задача да го задржи во своите редови и идната сезона.


