Иако во АБА има многу проблеми и по првите три кола веќе доживеа два пораза, Црвена Звезда сигурно ја почна новата сезона во Евролигата.
Вечерва ја победи Басконија на домашен терен со 78-71 и првпат во постоењето на Евролигата ја почнува кампањата со два триумфа. Такво нешто последен пат во елитното европско натпреварување, тогаш со името Куп на европски шампион, на Звезда ѝ успеа во сезоната 1969/70 кога се играше по друг систем, a белградскиот тим во првото квалификациско коло ја совлада Спарта Бертранж од Луксембург во двата меча. Иако веќе една деценија игра во Евролигата, Звезда ниеднаш досега не успеа да почне со 2/0 и најчесто ги губеше првите натпревари.
Српскиот и АБА шампион имаше услови да слави и поубедлива победа, а сепак дозволи Басконија да внесе драматика во финишот. Во првите 12 минути домаќините погодија седум тројки, на средина од вториот квартал водеа со +12, на почетокот од последниот квартал и со +16, но Басконија со серија од 13-1, дојде на само четири поени негатива (62-66) на три минути оред крајот. Во последните минути, сепак Звезда успеа да ја одржи предноста, а со тројката на Калиниќ на влезот на последната минута стави точка на сите дилеми околу победникот.
Ајзеа Кенан со 19 поени беше најефикасен во домашниот тим со 19 поени, Боломбој додаде 15, а Калиниќ 12. Чима Монеке ја предводеше Басконија со 19 поени. Во вториот меч од денешната програма во Евролигата, Монако го совлада Макаби со 85-79.


