Црногорскиот репрезентативец Никола Вучевиќ многу веројатно ќе биде трејдуван оваа зима од Чикаго Булс и кариерата ќе ја продолжи во друга екипа.
И покрај тоа што тој просечно постигнува по 21 поен, 9,8 скока и 3,2 асистенции на натпревар, проблем е високата плата што ја заработува, а која за оваа сезона изнеува 20 и за идната 21,5 милиони долари. Поради тоа, менаџментот на Булс веќе ги разгледува опциите за негова размена, но до моментов нема многу заинтересирани франшизи.
„Чикаго Булс сака да го трејдува Вучевиќ. Една од пречките за реализација на оваа намера е тоа што во замена бара пик во првата рунда на драфтот“, тврдат американските медиуми.
Вучевиќ има завидна 13-годишна кариера во НБА во која една сезона помина во Филаделфија, девет во Орландо Меџик и три во Чикаго Булс. Интересно е тоа што Црногорецот е најдобар стрелец на сите времиња меѓу играчите од поранешна Југославија кои настапувале во НБА лигата. Во моментов е 127. стрелец во историјата на НБА со 15.895 поени. Најблиску до него е Никола Јокиќ кој се наоѓа на 161. место со 14.768 поени, а понатаму следуваат Предраг Стојаковиќ, Владе Дивац и Лука Дончиќ.


