Македонската У20 репрезентација го доживеа четвртиот пораз на Европското првенство во Полска и од петок ќе се бори за опстанок, односно за пласман од 9. до 16. место.
Во осминафиналето, нашиот тим загуби од Словенија со 71-82, но го одигра најдобриот натпревар на овој шампионат. Излезе дека решавачка беше првата четвртина која противникот ја доби со 27-16 по што во следните три Македонија беше рамноправна (55-55).
Во вториот период македонските кошаркари ја намалија високата негатива, а во третиот, во неколку наврати беа и во водство, последен пат со 47-46. Сепак, до крајот на четвртината противникот направи 16-4 и со двоцифрена пауза го заврши тој дел од играта. Нашата решрезентација не се предаде, во последните десет минути намали на 7 разлика, но немаше сили за нов пресврт.
Ненад Јовановиќ со 19 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, Шошкиќ додаде 15, а Симиќ 14. Следниот натпревар ќе биде најважен за Македонија во борбата за опстанок бидејќи евентуална победа гарантира учество во А-дивизијата и идната сезона. Противник ќе биде поразената репрезентација од дуелот меѓу Италија и Полска кој почнува од 15:30 часот.


