Реал Мадрид е актуелен шампион на Шпанија, но во новата сезона влезе катастрофално и според играта и според резултатите.
По три одиграни кола во АЦБ лигата, гигантот има биланс 1/2 што е најслаб старт во домашниот шампионат во последните 20 години, односно по сезоната 2003/04. На стартот Реал загуби од новакот во елитната конкуренција Ла Коруња, а вчера и од Билбао во своето најлошо издание сезонава. Претходно, во второто коло, едвај успеа да ја победи Сарагоса со 100-95.
Всушност, од почетокот на сезоната, Реал одигра само три добри минути и тоа против Партизан во Евролигата, во четвртокот. Тогаш направи серија до 15-0, благодарение на која стигна до првиот триумф во елитното натпреварување.
Очигледно, на тренерот Чус Матео му е тешко да најде соодветна замена за Серхио Родригес и Руди Фернандес кои летово ги завршија своите кариери и заминаа во играчка пензија, како и Гершон Јабуселе кој замина во НБА, искусниот Фабијан Козер во Олимпија Милано и Венсан Поарие во Анадолу Ефес. Реал не успеа соодветно да се засили, донесе двајца кошаркари без евролигашко искуство, еден ветеран и еден повратник од НБА лигата. Матео побара засилувања уште по неуспехот во Суперкупот, но менаџментот не најде нови играчи и тоа се одразува на резултатите. Во прилог на тренерот не оди и здравствената состојба на играчите бидејќи Хезоња паузираше две недели, Гаруба не е целосно заздравен, а се повреди и Андрес Фелис кој ќе биде надвор од тимот најмалку еден месец.
Минатата сезона Реал не беше совладан во домашното првенство до десеттото, а вториот пораз го претрпе во 18. коло. Сега по само три натпревари веќе два пати мораше да му честита на противникот.


