Олимпискиот комитет на Грција денеска ги одреди знаменосците за отворањето на Олимписките игри кои на 26 јули почнуваат во Париз.
На последните изданија на оваа манифестација, традиција стана секоја експедиција да има по еден спортист и една спортистка, па од мажите кои ќе ја претставуваат Грција, избран е кошаркарскиот репрезентативец Јанис Адетокунбо. Ова ќе биде прв настап на Олимписките игри за него, а со оглед на тоа што имаше најголема заслуга за пласманот на Грција, ја доби најголемата чест за еден спортист.
Од дамите, грчкото знаме ќе го носи атлетичарката Антигони Дрисбиоти која се натпреварува во брзо одење.


