Вечерва во Подгорица се игра дербито на петтото коло од АБА лигата, меѓу Будуќност и Црвена Звезда, а прашање е дали овој меч ќе го добие својот крај.
Во четвртата минута од последната четвртина, дуелот е прекинат затоа што официјалните лица на натпреварот побараа да се испразни дел од трибините во салата „Морача“ во Подгорица. Причина за ваквата одлука беа константните навреди кон гостинските кошаркари поради што и претходно имаше кратки прекини. При еден од нив, исфрлен од своето место беше новиот претседател на белградскиот клуб Жељко Дрчелиќ кој жестоко ги навредуваше судиите.
Во моментот на прекинот, Црвена Звезда имаше водство од 68-65 иако во најголемиот дел од мечот, Будуќност беше во предност. Особено на удар на домашните навивачи беше Немања Недовиќ кој влезе во серијата тројки во третата и последната четвртина, а тоа ги изнервира фановите на Будуќност.
Вакви сцени станаа редовен декор во Јадранската лига, но досега најчестко беа карактеристика на дуелите меѓу Партизан и Црвена Звезда. Будуќност по четири кола беше лидер на табелата што ја зголеми еуфоријата во Подгорица и вечерва во „Морача“ има над 5.000 гледачи и исклучително зовриена атмосфера.


