Репрезентацијата на Италија ја оствари третата победа на Европското првенство и има добри шанси да ја заврши првата фаза како лидер во својата група.
„Аѕурите“ славеа во класикото со Шпанија со 67-63 и го турнаа актуелниот европски шампион на работ на елиминација. Ако Шпанците не ја совладаат Грција во последното коло, а БиХ ја победи Грузија, „фуријата“ ќе го заврши својот пат уште во групната фаза што ќе биде апсолутно најлош резултат под водство на Серџо Скариоло.
Денеска Шпанците успеаја да загубат и покрај тоа што натпреварот против Италија го отворија со 13-0. Благодарение на Диуф, Италија успеа да се врати во игра иако до полувреме, шпанската репрезентација го диктираше темпото и беше во водство. Пресвртот дојде во третата четвртија која „аѕурите“ ја добија со 19-11, а потоа подобро се снајдоа во неизвесниот финиш. Подмладената репрезентација на Шпанија во клучните моменти направи многу грешки поради кои го претрпе вториот пораз и се најде во мошне непријатна ситуација.
Многу работи сега зависат од тоа дали во последното коло ќе игра најдобриот грчки кошаркар Јанис Адетокунбо. Со него во тимот, тешко дека Шпанија може да се надева на триумф против Грција.


