Ти Џеј Шортс или Омари Мур – јасно беше дека на завршниот турнир од Евролигата ќе има еден (натурализиран) македонски репрезентативец, но во меѓусебен дуел тие требаше да одлучат кој ќе биде тоа.
Повеќе среќа имаше Мур кој првпат во професионалната кариера ќе учествува на Ф4, во дресот на Валенсија и тоа половина година откако дебитираше за националниот тим на Македонија. По вчерашната „мајсторка“, тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман повторно имаше замерки на арбитрите и истакна дека ако така се суди и на Ф4, Валенсија сигурно ќе ја освои титулата. Мур нема против таков да биде исходот на завршниот турнир кој ќе се одржи од 22 до 24 мај.
„Му благодарам на Атаман што мисли така, еве нека се исполни тоа што го кажа“, рече Мур во својата изјава по мечот.
Противник на Валенсија во полуфиналето ќе биде Реал кој ќе настапи без својот стартен центар Валтер Таварес.


