Кошаркарот на Домжале, Јан Земљиќ е прогласен за најдобар играч на четвртото коло од АБА 2 лигата кое се играше повеќе од три недели.
На дуелот со Приморје, тој оствари индекс 40 што е најдобар индивидуален ефект во регионалното натпреварување оваа сезона. Земљиќ му се придружи на својот соиграч Јон Долничар кој беше МВП на третото коло, а интересно е тоа што три од четворицата најкорисни играчи досега го добија признанието по натпревар со тимот на Приморје.
Така остана некрунисано изданието на кошаркарот на МЗТ Скопје, Илајџа Мекејден кој блескаше на дуелот против Јахорина. Американскиот интернационалец за 30 минути постигна 28 минути, седум асистенции, пет скока и изнуди 11 лични грешки за индекс 37 што се покажа како втор најдобар ефект во четвртото коло.
Мекејден е и трет стрелец во овој круг со 28 поени, а меѓу најдобрите е уште еден играч на МЗТ, Чарлс Гил кој го дели првото место по остварените скокови, со 14.


