Веста за заминувањето на Светислав Пешиќ од селекторската позиција во српската репрезентација е главна тема денеска во европската кошарка.
Веќе почнаа шпекулациите за можниот наследник на искусниот стручњак, а како најсериозен кандидат се спомнува тренерот на Монако, Саша Обрадовиќ. Тој и порано неколку пати се спомнуваше како можен селектор на Србија, но никогаш не доби шанса да го води националниот тим иако не криеше дека тоа негова голема желба.
Сепак, сето ова мора да се прими со доза на резерва од најмалку две причини. Прво, веста за Саша Обрадовиќ ја пласираа хрватски медиуми, а второ, наскоро во Кошаркарскиот сојуз на Србија треба да дојде до смена на претседателската позиција, па дури потоа, новиот предводник ќе тргне во потрага по селектор. Тоа веројатно нема да се знае пред октомври бидејќи Предраг Даниловиќ неодамна поднесе оставка на претседателската функција со одложено дејство, од 1 октомври 2024 година.


