Откако минатата сезона во НБА лигата ја пропушти поради тешка повреда, 20-годишниот српски кошаркар сега се соочува со уште поголем проблем во животот.
Генералниот менаџер на Оклахома Сити Тандер, Сем Прести соопшти дека на Топиќ му е дијагностициран канцер на тестисите.
„Би сакал со вас да поделам вест за Никола Топиќ. Како што знаете, имаше хируршка интервенција на почетокот од подготовките за новата сезона, таа процедура беше неопходна и направена во Хјустон, за да се одреди дали има канцер на тестисите. Единствено што очекуваме од него во моментов е да се фокусира на тоа бидејќи е врвен приоритет. Ќе се врати да игра кошарка кога ќе може, немаме никакви очекувања на тоа поле. Ја има нашата целосна поддршка, љубов и потстрек“, изјави Прести.
Топиќ е еден од најперспективните српски кошаркари, има 20 години и му се прогнозираше блескава кариера. Сепак, во пролетта 2024 година, додека уште беше член на Црвена Звезда доживеа тешка повреда поради која мораше да паузира цела година и ја пропушти цела сезона во НБА, а очигледно уште долго ќе биде надвор од терените.


