Со серија од пет победи во сите натпреварувања, шампионот на Македонија, МЗТ Скопје денеска го пречекува босанскиот претставник Јахорина во четвртото коло од АБА 2 лигата.
Пред овој круг, аеродромци беа во кругот од девет екипи со идентичен биланс (2/1) кои го делеа второто место на табелата. На врвот е Сутјеска која не игра неделава и следниот меч го има дури на 9 декември, па МЗТ Скопје има шанса, со евентуална убедлива победа против Јахорина, да замине на репрезентативна пауза како лидер на табелата во регионалното натпреварување.
Јахорина е едно од пријатните изненадувања во досегашниот дел од сезоната, има идентичен број бодови како МЗТ Скопје, откако ги победи двата црногорски претставника Морнар и Подгорица. За голем дел од регионалната јавност е непознаница, но стручниот штаб на МЗТ Скопје секако во овој дел од сезоната има доволно информации за каков тим се работи.
Шампионот на Македонија се наоѓа во одличен ритам и да не беше несреќниот пораз од Сутјеска во второто коло, кога испушти 12 разлика, сега ќе беше во многу поволна ситуација за пласман во плејофот. На денешниот натпревар против Јахорина, на МЗТ Скопје ќе му биде потребна поддршка од навивачите бидејќи со евентуален триумф ќе направи важен чекор кон топ-8. Натпреварот во „Јане Сандански“ се игра од 20:45 часот.


