Од 27 август до 1 септември, македонскиот шампион МЗТ Скопје ќе учествува на меѓународен турнир што ќе се одржи во кинескиот град Чонгкинг.
Тоа е период кога клубовите во земјава почнуваат со подготовки за новата сезона, некои се уште ќе бидат на одмор бидејќи стартуваат во септември, а шампионот ќе го искористи за силни тестови. На турнирот ќе учествуваат првакот и вицепрвакот на Кина, Лиаонинг и Ксинјанг, а последниот тим дополнително ќе биде објавен.
МЗТ Скопје се уште се наоѓа во процес на екипирање на ростерот, досега донесе две засилувања, но го задржа костурот од минатата сезона со кој ќе тргне во одбрана на тројната круна во македонската кошарка и во обид да се пласира во елитната дивизија од АБА.


