Од денеска до петок, на програмата е 18. коло од македонската кошаркарска Суперлига, коло кое носи директен дуел за првото место.
Мечот меѓу водечките екипи ТФТ и МЗТ Скопје се игра в петок во Негорски Бањи, а дотогаш, во центарот на вниманието ќе бидат останатите десет учесници во елитното натпреварување. Второто дерби е во Битола каде Пелистер се среќава со МКК Куманово, но подеднакво интересно се очекува да биде во Градски парк каде Работнички ќе го пречека Маџари.
Поранешниот шампион со ова ќе го означи враќањето во својот дом, по пауза од над пет години, а не смее да си дозволи нов кикс ако не сака дополнително да го загрози својот суперлигашки статус. Работнички доживеа седум порази во последните осум кола и денеска пред своите навивачи, едноставно мора да го победи тимот кој е најпријатно изненадување во Суперлигата оваа сезона.
Маџари има шанса да влезе во топ-4 и да се бори за пласман во плејоф, што би била нова голема страница во клупската историја.
ДВОЈКИ ЗА 18. КОЛО
ДЕНЕСКА
17:00 Тиквеш – Ангели
18:30 Гостивар – Чаир
19:00 Кожув – Феникс
19:00 Пелистер – МКК Куманово
19:00 Работнички – Маџари
ПЕТОК
18:00 ТФТ – МЗТ Скопје


