Педро Мартинез официјално стана нов тренер на Реал Мадрид, откако денеска потпиша тригодишен договор со „кралскиот клуб“.
Искусниот стручњак имаше феноменална сезона со Валенсија, покрај тоа што стигна до Ф4 на Евролигата, ја освои и титулата во шпанското првенство, како и трофејот во Суперкупот, а во двете домашни натпреварувања ги совлада Реал и Барселона. Како круна на сезоната, беше прогласен за најдобар тренер во Евролигата откако со Валенсија заврши како второпласиран тим на крајот од основниот дел од елитното натпреварување.
Реал ѝ плати отштета од еден милиони евра на Валенсија и со тоа ја откупи слободата на Мартинез кој не го криеше своето воодушевување од преминот во Мадрид.
🙌 #BienvenidoPedroMartínez pic.twitter.com/KTuo8CDpoM
— Real Madrid Basket (@RMBaloncesto) July 6, 2026
„Голема чест е ова за мене. Реал е легендарен клуб и некои од најдобрите играчи и тренери во светот поминале низ него. Го знам наследството и ќе се обидам да дадам се од себе за да бидам достоен на професионалците кои играле во клубот. Секој тренер во светот сака да биде во колектив како овој, со толку многу барања и можност да се бори за титули. Тоа е огромен предизвик и мојата цел е да им помогнам на играчите и на тимот да постигнат што е можно повеќе успех“. рече Мартинез.
Заедно со него, во Реал најверојатно ќе дојде и Хаиме Прадиља, еден од најдобрите играчи на Валенсија последната сезона.


