Актуелниот вицешампион на Шпанија, Валенсија е заинтересиран во своите редови да го донесе македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски, објавија денеска медиуми од Пиринејскиот полуостров.
На вчерашниот меч против Венеција, на трибините биле претставници на Валенсија, по инструкции на тренерот Педро Мартинез, да го следат настапот на нашиот кошаркар кој бил запознат со нивното присуство. Сепак, Валенсија не е единствен евролигаш кој во моментов е заинтересиран за Јакимовски, туку во комбинација се уште неколку клубови кои ќе мораат да го почекаат крајот на сезоната за да тргнат, евентуално, во акција.
Валенсија е најпријатно изненадување во Евролигата оваа сезона и во моментов се наоѓа на делба на второто место на табелата, заедно со Олимпијакос. На почетокот од оваа сезона го освои Суперкупот на Шпанија, а целта е повторно да триумфира во АЦБ лигата која последен пат ја освои во 2017 година. Клубот е во сопственост на шпанскиот тајкун Хуан Роиг кој создаде фантастични услови, а лани ја отвори новата Роиг арена каде настапува екипата.
Што се однесува до Јакимовски, тој ја игра својата прва сезона во европската кошарка, но одлично се снајде во Тренто и е еден од најдобрите и најстандардни во тимот. Ако ја прифати понудата, Македонија би можела да има двајца репрезентативци во Валенсија бидејќи таму игра и натурализираниот Омари Мур, а поранешен член на шпанскиот тим е и Ненад Димитријевиќ.


