Македонската јуниорска репрезентација го доживеа третиот пораз во третиот натпревар на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Хрватска.
Денеска нашите јуниори загубија од Унгарија со 63-86 во својот најлош натпревар во досегашниот дел од шампионатот. Поразот беше најубедлив во трите меча на шампионатот, а македонската репрезентација постигна најмалку поени.
Клучна беше очајната игра во првата четвртина во која Македонија постигна само шест поени (6-21), па потоа беше многу тешко да се брка резултатот. Во вториот и третиот период нашата репрезентација држеше некоја рамнотежа иако беше тешко да ја наметне својата игра, но во финишот Унгарците додадоа гас и стигнаа до највисоките +23 со кои заврши натпреварот.
Покрај релативно лошиот напад, алармантна е играта во одбрана на македонската репрезентација која на сите три натпревари досега прими над 83 поени. Кога станува збор за офанзивата, нашите кошаркари имаа дури 23 загубени топки, девет повеќе од противникот, а ја загубија и борбата под кошевите каде имаат десет скока помалку.
Далеку најефикасен во македонската репрезентација беше Ѓорѓи Цветковски со 22 поена, единствен со двоцифрен број поени. Со биланс 0/3, Македонија сега е во опасност да остане во борба за пласман од 17. до 22. место на првенството. За да го избегне тоа, мора да ја победи Шведска во последниот натпревар, в среда. Утре е слободен ден на првенството, а нашите кошаркари се слободни во четвртото коло кое е на програмата во вторник.


