Валенсија и Панатинакос ќе играат „мајсторка“ за пласман на завршниот турнир од Евролигата откако шпанскиот тим вечерва славеше во ОАКА со 89-86.
Резултатот сега е 2-2, а сите четири натпревари завршија со победа на гостинските екипи. За тоа колку е луда оваа серија, дополнителна потврда е што сите дуели завршија со разлика меѓу еден и четири поени, а на еден се играше продолжение. Предноста на домашниот терен на „мајсторката“ ќе ја има Валенсија, а на тој натпревар се можни две сценарија: или сите пет натпревари ќе завршат со брејкови или Панатинаикос нема да брка титула во Евролигата на домашен терен.
Валенсија вечерва водеше безмалку цел натпревар, три пати во третата четвртина беше +1 за Панатинаикос и уште неколку беше нерешено со тоа што Шпанците имаа +15 во вториот период. Кога во финишот се чинеше дека ПАО го прави последниот чекор кон целосен пресврт и израмни на 67-67, Валенсија направи една серија од пет и уште една од шест поени и поведе со недостижни 78-69. Во финишот повторно домаќинот се доближи на два разлика, но немаше време за победа.
Неверојатен натпревар одигра кошаркарот од Доминиканска Република, Жан Монтеро кој постигна 29 поени, седум скока и седум асистенции, со осум изнудени лични грешки за индекс 45. Џеди Осман беше најефикасен кај Панатинаикос со 26 поени.
Во првиот натпревар од денешната програма, Фенербахче по продолжение го совлада Жалгирис и обезбеди пласман на завршниот турнир, каде за противник ќе го има Олимпијакос. Победникот од „мајсторката“ меѓу Валенсија и Панатинаикос во полуфиналето оди на Реал.


