Бранко Лазиќ официјално стави крај на својата играчка кариера, со што се затвора едно од најдолгите поглавја во историјата на Црвена звезда. Долгогодишниот капитен на белградскиот клуб одлуката ја соопшти на свеченоста во Љубљана, организирана по повод 25-годишнината од основањето на АБА лигата.
Токму таму Лазиќ доби и посебно признание за животно дело, како најтрофеен кошаркар во историјата на АБА-лигата. По доделувањето на наградата, тој ја искористи приликата да објави дека повеќе нема да игра професионална кошарка.
Лазиќ ја почна професионалната кариера во ФМП во 2007 година, а во 2011 година се пресели во Црвена звезда. Во црвено-белиот дрес остана цели 14 сезони, станувајќи еден од најпрепознатливите симболи на клубот во модерната ера.
Со Црвена звезда освои неверојатни 26 трофеи – седум титули во АБА-лигата, девет шампионски титули на Србија, девет Купови „Радивој Кораќ“ и еден Суперкуп на АБА-лигата. Со сето тоа, тој е најтрофеен играч во историјата на еден од најголемите српски клубови.
Сите седум шампионски титули во АБА-лигата Лазиќ ги освои со Црвена звезда, во 2015, 2016, 2017, 2019, 2021, 2022 и 2024 година. Така постави рекорд кој го прави најтрофеен играч во историјата на регионалното натпреварување.
Покрај трофеите, Лазиќ е и рекордер на Црвена звезда по бројот на настапи. За клубот одигра дури 838 натпревари, а трипати беше прогласуван за најдобар дефанзивец во АБА лигата.
Со репрезентацијата на Србија, пак, освои сребрен медал на Европското првенство во 2017 година.


