Натурализираниот македонски репрезентативец Итан Хап повторно покажа колку значаен дел е од нашиот тим.
Вечерва беше можеби најзначаен во победата против Луксембург бидејќи постигна 15 поени и 14 скока и одлично ја пополни центарската позиција која со години ни е најголем проблем. Американецот изрази задоволство од победата, но ги посочи и лошите работи во играта.
„Игравме силно, тренерот направи одлична работа со подготовките цела недела, асистентите исто така, но најбитно е што ние ги исполнивме целите. Секој поен е важен, но најважно е што победивме. Луксембург е добар тим, ние сме со нов селектор и се уште се обидуваме да се вклопиме на неговата филозофија, а имавме само четири заеднички денови за подготовките. Имавме големи падови, а за да се победат поголеми репрезентации, мора да играме на исто ниво 40 минути. Овој тим има голем талент, Андреј Јакимовски не беше тука минатиот пат кога играв, неговото присуство е од големо значење и навистина е значаен дел од овој тим“, рече Хап.


