Машката и женската кошаркарска репрезентација на САД се главни фаворити за златниот медал на Олимписките игри со оглед на тоа што во Париз, односно Лил, ги испратија своите најголеми ѕвезди.
За тие да имаат најдобри услови, Кошаркарскиот сојуз мораше да издвои околу 15 милиони долари бидејќи играчите престојуваат надвор од олимпиското село. Тоа е правило од 1992 година откако на американските НБА професионалци им беше дозволено да учествуваат на Олимписките игри.
Угледниот економски магазин Форбс објави дека Американците изнајмиле хотел во центарот на Париз кој има повеќе од 800 соби. Таму, освен играчите, сместени се нивните семејства, членови на помошниот персонал, раководителите и луѓето од НБА. Покрај луксузниот хотел, Американците покриваат обезбедување за играчите, чартер летови, превоз на кошаркарите на тренинзите и натпреварите и испорака на тимската опрема во Франција.
За споредба, американскиот тим во мечување на Олимписките игри во Париз чини меѓу 300 и 400 илјади долари.


