Далас Маверикс го снајде уште една катастрофа, по заминувањето на Лука Дончиќ и повредата на Ентони Дејвис,
Синоќа, против Сакраменто, на мечот на кој Мавс загубија со 98-122, се повреди најдобриот играч во тимот во моментов, Кајри Ирвинг. Несреќата се случи при еден влез кон противничкиот кош, кога нагази на ногата на Јонас Валанчиунас, а првите прогнози не се оптимистички и би можело да се работи за посериозна повреда. Соиграчите, меѓу кои беше и повредениот Дејвис, му помогнаа на ветеранот да застане на линијата за слободни фрлања и да изведе „пенали“, а потоа и да го напушти теренот.
Навивачите за оваа повреда ја „обвинија“ лошата карма поради трејдот на Дончиќ во Далас и жестоко го нападнаа генералниот менаџер Нико Херисон бидејќи претходно се повреди и Дејвис.
Но, тоа не е единствениот „грев“ на Херисон кој последниот месец се наоѓа во немилост на фановите на Далас. Менаџментот на франшизата одлучи да ги зголеми цените на сезонските билети за 8,61% со образложение дека се потребни финансиски средства за дополнително вложување во тимот. И за тоа, навивачите го обвинија генералниот менаџер иако тој нема голема улога и влијание во ваквите одлуки. Во нормални услови, тоа ќе поминеше незабележано, но кога владее разочарување од неколку потези, на удар е најекспонираниот човек во франшизата. Освен тоа, се погласни се шпекулациите дека газдите на Маверикс планираат да го однесат тимот во Лас Вегас што создава паника кај љубителите на кошарката во Далас.


