Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ поднел оставка од својата позиција по серијата порази на тимот во Евролигата, објавија српските медиуми.
Неуспехот на Партизан во Атина против Панатинаикос беше седми во последните осум натпревари, тимот изгледаше летаргично, а покрај тоа, му дозволи на противникот серија од 25-0 со која заврши сета неизвесност на натпреварот. Обрадовиќ очигледно нема начин да ја сврти ситуацијата, како што правел многу пати откако дојде во клубот, па затоа решил да ја препушти работата на некој друг.
Сепак, ова не значи негово дефинитивно заминување бидејќи управата на клубот треба да ја разгледа оставката и да одлучи дали ќе ја прифати бидејќи искусниот стручњак е под договор. По 13 натпревари во Евролигата, Партизан е при дното на табелата со резултат од 4-9, а само Асвел и Макаби имаат полош резултат.
Обрадовиќ ја презеде тренерската функција во Партизан на 25 јуни 2021 година и го работи својот втор мандат во клубот.


