Германскиот прволигаш Кемниц е овогодишен освојувач на ФИБА Европа купот, по драматичниот реванш од финалето против Бахчешехир од Турција во Истанбул.

Турскиот тим славеше со 105-95 по продолжение, но не успеа да ја достигне негативата од 11 поени (74-85) колку што славеше Кемниц во првиот меч пред своите навивачи. Екипата од Германија го преживеа големиот пресврт на Бахчешехир во последната четвртина и чудниот критериум на судиите кои му досудија дури 13 лични грешки повеќе отколку на противникот.

Бахчешехир во втората четвртина водеше и со 19 поени разлика (55-36), резултат кој му носеше титула, но во третиот период Кемниц ја достигна негативата и по 30 минути игра беше 67-67. На половина од последниот квартал германскиот тим имаше предност од четири разлика (73-69) или вкупно 15, сметајќи го и првиот натпревар, но од игра, поради пет лични грешки мораа да излезат дури четворица кошаркари од кои двајца од стартната петорка. Бахчешехир го искористи тоа за да дојде до предност од 11 разлика на крајот од основниот дел со што ја анулира негативата од првиот натпревар.

Сепак, во продолжението Кемниц ги извади и последните атоми од силите и успеа да намали за еден поен, доволно за да дојде до најголемиот успех во својата историја, во само втората сезона на европска сцена.

Заедно со него слави и Македонецот Ѓорѓи Кочов кој трета сезона е дел од стручниот штаб на Кемниц. Вечерашниот пораз од Бахчешехир е најсладок во неговата тренерска кариера, а на трофејот од македонското првенство, сега го додаде и оној од ФИБА Европа купот.


