Комисијата на НБА лигата ја прифати жалбата на Лука Дончиќ и словенечкиот репрезентативец останува во трката за индивидуалните признанија, вклучувајќи ја и МВП наградата.
Преку својот менаџер, Дончиќ минатата недела побара да не му се сметаат двата пропуштени натпревари во декември кога замина за татковината за раѓањето на својата втора ќерка. Надлежните го прифатија тоа и на Дончиќ му се сметаат пропуштени само 16 натпревари, а условот да остане во игра за наградите е да не пропушти повеќе од 17.
Сега Словенецот речиси сигурно ќе биде избран во идеалната петорка на лигата бидејќи ја заврши сезоната како најдобар стрелец, но тешко ќе му биде во борбата за МВП. Таму речиси цела сезона води Шеј Гилџес Александер, а последните недели како фаворит се појави и Виктор Вембанјама.
Одлуката за Дончиќ го пролонгира објавувањето на наградените за штотуку завршената сезона, па сега веројатно одново ќе се гласа и за МВП.


