Долго време се шпекулира дека НБА ќе го зголеми бројот на екипи, но сите очекуваа тоа да се случи преку Сиетл и Лас Вегас.
Комесарот Адам Силвер, сепак, ги изненади љубителите на НБА со најавата дека евентуалните нови членови ќе бидат од надвор од границите на САД. Конкретно, станува збор за соседните држави кои имаат желба и интерес да влезат во најквалитетното кошаркарско друштво во светот.
Прв кандидат за влез во НБА е Мексико Сити кој од пред извесен период има свој тим во Развојната лига (Капиталес). Во мексиканската престолнина неколку години се играат НБА натпревари од основниот дел на сезоната, а со оглед на тоа што градот има околу 9 милиони жители, станува збор за голем пазар што ѝ одговара на лигата.
Втора опција се канадските градови, пред се Ванкувер и Монтреал. Ванкувер веќе имаше НБА екипа од 1995 до 2001 година, но потоа франшизата се пресели во Мемфис и Канад остана само со Торонто како свој претставник.
Последната експанзија во НБА се случи во 2004 година кога дебитираа Шарлот Бобкетс (сега Шарлот Хорнетс). Четири години подоцна Сиетл Суперсоникс се пресели во Оклахома Сити и го смени името во Тандер, па љубителите на кошарката во овој град во државата Вашингтон се надеваат дека повторно ќе имаат можност да гледаат НБА натпревари на домашен терен.


