Бордот на гувернери на НБА денеска едногласно ја одобри продажбата на Лос Анџелес Лејкерс на бизнисменот Марк Волтер кој од 2021 година имаше 21% од акциите на франшизата.
Зделката, која беше договорена пред неколку месеци, ќе изнесува 10 милијарди долари и се очекува наскоро да биде извршено примопредавањето.
„Марк Волтер долго време е поврзан со нашата лига, беше и малцински сопсвеник на Лејкерс и сопственик на ВНБА тимот Лос Анџелес Спаркс повеќе од една деценија“, објави Комесарот на НБА, Адам Силвер.
Со ова официјално завршува ерата на фамилијата Бас која беше сопственик на Лејкерс од 1979 година. При преговорите во јуни беше утврдено дека Џини Бас ќе остане во франшизата, но на помалку значајна функција. Нејзиниот татко Џери Бас ги купи Лејкерс во 1979 година за 67,5 милиони долари, но во паектот беше и НХЛ екипата Лос Анџелес Кингс, како и стара Форум Арена во која настапуваше тимот до 1999 година кога се пресели во Стејплс центарот, сега Крипто арена.
Марк Волтер е извршен директор и претседател на инвестициската компанија ТВГ Глобал и има акции во повеќе спортски франшизи, како и екипата на Кадилак која ќе дебитира во Формула 1 во 2026 година.


